Уредување, промоција и заштита на Бислимската клисура“, „Планинарска инфраструктурна основа за туризам и здрави навики“,„Спортски можности за сите“ и „Жени за одржлив економски развој преку рурален туризам“ се четирите проекти кои што поддржани во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 ( ReLOaD2), финансирана од Европската Унија, која ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), додека Општина Куманово е корисник на средствата. Вредноста на доделените грантови изнесува околу 4,2 милиони денари, од кои 871 илјади денари односно 21% се учество на општината. Оваа програма се имплементира преку Одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР.
Од расположивите грант средства, најголем дел односно околу 1,7 милиони денари се доделени на проектот „ Уредување, промоција и заштита на Бислимската клисура“ на Здружението Народен Универзитет, ЛАГ АБЕР 2015 и Фондација за развој на мали и средни претпријатија. Целта на проектот се активности за зголемена туристичка понуда на Бислимската Клисура, нејзина еколошка заштита, учество на локалното население во туристичката понуда и промоција и иновативни техники за дигитализирање на содржините. Очекуван резултат е зголемен број на посетители за 30% во наредните 5 години.
На здружението на планинари и заштита на планината „Козјак 2013“(ЗПЗП) ќе му бидат доделени 1,3 милиони денари кои ќе ги потрошат за проектот „Планинарска инфраструктурна основа за туризам и здрави навики“. Со проектот ќе се идентификуваат, систематизираат и уредат 30 км. планинарски патеки, ќе обезбедат услови за адреналински туризам, ќе се едуцираат над 2000 ученици, а истовремено ќе се организираат и планинарски акции, еколошки тури и ќе засадат 1500 садници. Главна цел е 15.000 млади лица и останати категории на граѓани од Куманово да спортуваат на отворено и да поминуваат повеќе време во природа.
Спортскиот младински клуб „Динамик“ и Планинскиот велосипедски клуб „Оксижендшк“ се поддржани со 545 илјади денари за проектот „Спортски можности за сите“. Целта е да им се овозможи на лицата со попреченост да учествуваат во рекреативни спортски активности за подобрување на квалитетот на нивниот живот низ примена на нови, иновативни идеи за учење и унапредување на нивното ментално и физико здравје.
За проектот „Жени за одржлив економски развој преку рурален туризам“ на Здружението за поттикнување на локален и рурален развој „Ума Сто“ и Здружението за креативен одржлив развој „Дива перуника“ од Скопје се наменети 542 илјади денари. Директни корисници на проектот се жители на селата Умин Дол, Ново Село и Пчиња. Посебен акцент е ставен на невработените жени, кои имаат потреба од обука и менторство за стекнување со основни познавања од областа на рурален туризам.
Главна цел на ReLOaD2 програмата е зајакнување на партнерството помеѓу локалните власти и граѓанското општество, со што ќе се придонесе за поголемо граѓанско и младинско учество во процесите на носење одлуки.