Саем за автохтони сорти “Везенка” – во Пчиња

Здружението за заштита на екологија и животната средина “Eко Пчиња” во недела одража Саем за автохтони сорти чиј цел беше подигање на свеста за домашните сорти и одржливоста на истите. Според претседателот на здружението, Стојан Стојковски, мисијата е едноставна – да го заживееме вкусот и квалитетот на традиционалните сорти, по кои сме познати. „Разликата во вкусот е огромна. Хибридните сорти не можат да ја пренесат истата богатост на природните вкусови од нашето минато. Со подигање на свеста кај производителите за важноста на автохтоните сорти, можеме да создадеме поконкурентни и поквалитетни домашни производи,“ вели Стојковски.

Саемот се одржа на 20.10.2024 од 11:00до 15:00 часот кај инфо центарот на бислимската клисура и манифестацијата беше збогатена со базар на домашни производи од локални производители – свежо овошје и зеленчук, традиционален ајвар, домашни слатка и сокови, мед, месни производи, ракија, и вино. Вистинска атракција беа изведбите на македонски народни песни од Влатко Ристовски од Македонска Каменица и Лемпи од Финска, кои редовно настапуваат на зелени пазари во Македонија.

Организаторите најавија дека следната година ќе ја збогатат понудата со уште повеќе локални производители од регионот, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство останува посветен поддржувач на проектот.

Жителите на селото Пчиња се надалеку познати по своите висококвалитетни раноградинарски производи, а близината на Бислимската клисура и реката Пчиња отвора можност за развој на рурален туризам. Локалните жители се надеваат дека во иднина ќе го спојат земјоделието со туризмот, со што ќе создадат сместувачки капацитети и ќе понудат уникатни искуства за посетителите, кои ќе можат да уживаат во автентичниот вкус на локалните сорти.

Facebook
Twitter
LinkedIn